Премиерот Зоран Заев и Христијан Мицкоски, лидерот на најголемата опозициска партија, в недела во 20 часот во Владата ќе остварат средба на која ќе разговараат за претстојните претседателски избори, за реформските закони и за се што е во интерес на државата.

Како што посочи Заев, средбата е договорена без учество на лидерите на главните партии од албанскиот блок затоа што за оваа средба немало потреба од формат на повеќе политички партии.

Мене ми е значајно да разговараме за престојните претседателски избори, за евроинтеграцискиот процес на нашата земја заради тоа што дури и НАТО не е завршено се уште. Следува ратификацијата, да направиме се што можеме во јуни да го добиеме конечно датумот за отворање на преговорите со ЕУ. Тоа се важни работи. Ќе разговараме како премиер и шефот на опозицијата на тие теми, заради тоа што верувам во заедничката одговорност пред историските одлуки што треба да ги донесе нашата земја – изјави Заев за средбата.

Во однос на ставот на Мицковски дека ќе бара да се истражи потеклото на имот на сите политичари, Заев најави дека ќе почека до средбата за да види кои се барањата.

Ќе ги соопштам и нашите ставови и сите заедно како одговорности на сите политичари и политички партии ќе разговараме. За деталите е преурането и не би коментирал – изјави Заев.