Без најава, преку ноќ е пензиониран Лазе Велковски, началникот на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во МВР. Последните успешни акции на заплена на дрога и истрагата за случајот Рашковски биле водени директно од Велковски. Од Министерството за внатрешни работи информираат дека тој исполнил 40 години работен стаж и затоа заминува во пензија. Решението за неговото пензионирање е потпишано од министерот Оливер Спасовски и покрај барањето на неговиот довчерашен соработник за продолжување на работниот однос за што има законско право.

На началничката позиција во организиран криминал е назначен Ветон Кранлиевски, советник во кабинетот на министерот. На Велковски не му било овозможено да го искористи законското право за продолжување на работниот стаж во МВР за уште пет години. Според Законот за внатрешни работи вработени во МВР имаат право кога ќе навршат 40 години бенефициран работен стаж, да го продолжат работниот однос до 45 години стаж и Министерството е должно тоа да го спроведе.

Велковски беше дел од истрагите против Драги Рашковски, за незаконските патни исправи, за бегството на наркобосовите по акцијата во Сарај и Ченто…

Лазе Велковски е човек од доверба на американската ДЕА и соработник на обвинителката Вилма Рускоска. Смената на Велковски веќе се толкува како одмазда на организираниот криминал. Неофицијално, се најавува дека Велковски ќе поднесе тужба против МВР за ускратување на законското право да остане во службата до 45 години работен стаж.

Велковски по наредба на шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Русковска е и истражител на ова обвинителство.

Плусинфо објавува дека чашата на нетрпение кон Велковски се прелеала откако е приведен началникот на прилепската полиција, по што Одделот за сузбивање на организиран криминал и корупција бил на трагата на поврзаноста на уште еден полициски началник во град од Југоисточна Македонија со трговијата со мигранти. Досието на тој началник е спремно и се очекувало негово приведување деновиве.