„Скандалозниот однос на Владата предводена од Заев кон Охрид и Охридскиот регион добива свои уште поскандалозни продолженија“, обвини пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Ане Лашкоска.
„Предлог законското решение за управување со природното и културното наследство во Охридскиот Регион кое што е доставено во Собранието, деновиве можевме да видиме и слушнеме дека не е тоа на кое што било работено изминатиот период со граѓанските организации запознати со проблемот. Ова значи дека јавните расправи на оваа тема кои што биле правени биле буквално фрлени во корпа заедно со сите експертски мислења кои биле изнесени. Ова само го покажува односот на Власта кон експертската јавност“, вели Лашкоска.
Таа дополнително изјави дека можело да се слушне и види оти Владата тоа што го презентирала пред комитетот на УНЕСКО во Баку не соодествува со тоа кое што сега како предлог законско решение го нуди.
„Владата на Заев со ова ги излажа и експерите и Унеско и сите граѓани на Охрид и Република Македонија. Да потсетиме, спротивно на сите насоки оваа Влада вметнува одредби со кои новиот Совет треба да одлучува со бадентер што е спротивно на Уставот, а згора на тоа во Советот да членува и еден надворешен претставник на предлог на министерот за политички систем и односи меѓу заедниците. Класично политизирање на една тема која треба експерти да ја уредуваат. Да потенцирам, ова не го говори само ВМРО-ДПМНЕ, туку ова го говорат медиумите, експертите и претставниците на невладините организации “, истакна Лашкоска.
Според неа, Заев покажал дека приоритет му е политичкиот пазар наместо угледот на државата, граѓаните и градот Охрид. Тој на политички пазар, вели Лашкоска, е подготвен да ги стави и културните и природните богатства на Охрид и Македонија само да се зачува на власт.
„Затоа бараме итно да се повлече ова предлог законско решение од собраниска процедура. Закон за Охрид и охридскиот регион има во сила и обврските кои ги имаат надлежните органи и институции и по овој закон можеа да си ги завршат и лани, и пред неколку месеци, но кога веќе ништо не реализирале, им препорачуваме тоа да почнат да го прават уште од денес. Без политизирање неопходно е да се отпочне со преземање на соодветни мерки со цел да се спречи губењето на статусот на градот во УНЕСКО. Ако не се отпочне веднаш ќе стане очигледно дека и Охрид и Македонија имаат една и единствена дивоградба која го уништува угледот на државата. Тоа е Владата на Зоран Заев, која мора што поскоро да се сруши на избори за да се врати достоинството и на Охриѓани и на сите граѓани на Македонија“, заклучи пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ.
Comments are closed for this post.