Пратеникот Крсто Мукоски од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, во јавноста познат и уште како Крсто клисарот заради отворањето на собраниските врати, по што дојде до настаните од 27 април 2017 година, е снимен на скопскиот аеродром како заминува во странство. Оваа информација ја објавија некои домашни портали. И тоа е негова работа, зашто тој е пратеник, слободен и слободоумен човек со обврски, а башка и амнестиран за 27 април. Неговото „просветлување“ резултираше со доброволно кревање два прста за Договорот од Преспа и подоцна за уставните промени и новото име на државата.

Но, по вчерашното рочиште за настаните од 27 април на кое лицата, кои не побараа амнестија или не им беше одобрена, ги даваа своите завршни зборови, во јавноста се почувствува празнина. Едноставно, отсуствуваше реакција на остантите членови на независната пратеничка група, кои по завршните зборови на обвинителката Вилма Рускоска, преку соопштение реагираа и бараа целосно почитување на Законот за амнестија.

Со жалење констатираме дека денеска Јавното обвинителство, во текот на завршното обраќање, не ги испочитува одредбите од член 1 од Законот за амнестија, каде многу прецизно е дефинирано за какви дела треба да продолжи судскиот процес. Од таа причина сакаме да истакнеме дека почитувањето и спроведувањето на законот е императив за владеење на правото.

Затоа апелираме до Судот доследно да ги испочитува одредбите од Законот за амнестија, со оглед на доказите кои беа изведени во текот на судскиот процес.

Во соопштението, како што може да се забележи, не беше споменато ниту едно име, иако одредени медиуми во своите наслови ги наведуваа тројцата клучни пратеници-Мукоски, Василевски и Арнаудов, што, наводно, значело незадоволство од пратеничката група од непочитувањето на Законот за амнестија. Од оваа временска дистанца, станува уште појасно дека нивната реакција не се должела на непочитувањето на Законот, туку на споменувањето на трите имиња, односно презимиња.

Пресинг Тв тогаш излезе со наслов „Осумтемина независни „превеслани жедни преку Вардар“!?“, по што уследи  обид за мешање во уредувачката политика од страна на независните пратеници и обвинување за „сензационализам“.

Генерално, за сите обвинети делото од членот 313 од Кривичниот законик не требаше да постои и да има преквалификација. Тоа беше суштината на целиот закон, изјави тогаш за Пресинг Тв, пратеничката Емилија Александрова.

Сега, истиот ден кога Крсто клисарот отпатува некаде, а обвинетите за тероризам ги даваа своите завршни зборови пред судот, „превесланите жедни преку Вардар“ едноставно ги немаше. Но овој пат клисарот и компанија не беа споменати. Очигледно дека почитувањето на Законот, што самите тие го подготвија, беше само заради оставање „уметнички впечаток“ пред јавноста како независни. Преквалификацијата на делото троризам остана само на хартија и којзнае дали некој воопшто се сеќава дека тоа требаше да значи почеток на процес на помирување.

Во членот 1 од Законот за амнестија се пропишува дека со овој закон се ослободуваат од кривично гонење, се запираат поведените кривични постапки и целосно се ослободуваат од издржување на казната затвор лицата: осомничени и обвинети во судските постапки кои се водат пред судовите на територијата на Република Македонија, а во врска со настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април 2017 година за кои постои основано сомнение дека до денот на влегувањето во сила на овој закон, сториле кривични дела согласно член 384-Учество во толпашто ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие, согласно член  386-Насилство, согласно член 385-Учество во толпа што ќе изврши кривично дело и кривично дело согласно член  313-Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста   од Кривичниот законик и други кривични и прекршочни дела согласно со позитивно-правните прописи во Република Македонија.