Владата предлага до 30 јуни 2019 година да биде продолжена кризната состојба на јужната и на северната граница со цел превенирање и спречување влез и транзитирање мигранти на територија на Република Македонија.

Предлог-одлуката за изменување на Одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба заради зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти низ територијата на Република Македонија е веќе доставена до Собранието, каде треба да биде разгледана на матичната комисија и да биде изгласана на пленарна седница.

Целта за продолжување на одлуката е да се обезбеди континуитет во вршењето на активностите од страна на силите на Армијата на Република Македонија и безбедносните сили на Министерството за внатрешни работи, во функција на обезбедување, заштита и чување на државната граница.

Кризната состојба поради наплив на мигранти на македонската граница беше воведена летото во 2015 година, и од тогаш се продолжува.