Во реплика на вчерашната собраниска седница, претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски осврнувајќи се на македонската дијаспора, порача дека Владата, државата, се грижи за секој припадник на дијаспората, за Македонците без разлика на тоа каде живеат, додавајќи дека единствено ВМРО-ДПМНЕ е таа која се обидува да ги наруши добрососедските односи.

-Во однос на прашањата со дијаспората, сакам овде многу јасно да кажам, Македонци има и во Америка, Канада, Германија и во Швајцарија, Австралија, Грција, Бугарија, Србија, Албанија и во Косово и секаде се тоа Македонци кои што зборуваат македонски јазик на кој што сме ние исклучително горди. Земете ги само од пред две недели снимките од МНР каква се помош беше однесена во Албанија за нашите Македонци кои живеат таму, рече Ковачевски.

Претседателот на СДСМ потенцираше дека добрососедските односи ги руши единствено ВМРО-ДПМНЕ.

-Добрососедските односи ги руши единствено ВМРО-ДПМНЕ. Сите оние основачи и растурачи на бугарски клубови се членови на ВМРО-ДПМНЕ, на вашата сестринска партија ВМРО БНД на кои заеднички именител ви е заедничкиот претседател Ванчо Михајлов, порача Ковачевски обракајќи се кон пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.