Во последните денови пред најзначајната одлука во историјата на независна Македонија, Христијан Мицкоски се обидува да ја напаѓа македонската иднина, реагира пратеникот од редовите на СДСМ, Костадин Костадинов, по вчерашниот говор на опозицискиот лидер во Охрид.

Во вчерашното обраќање, Мицкоски се обиде да ги оспори сите важни случувања од поновата историја кои на Македонија и донесоа мир и стабилност. Дали Мицкоски смета дека во турбулентните 90-ти не требаше да влеземе во ООН? Дали според Мицкоски во 2001 година не требаше да се склучи рамковниот договор и не требаше да запре воениот конфликт? Дали на Мицкоски му пречи силната поддршка што Македонија ја добива од целиот свет?, праша Костадинов од пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

Според Костадинов, настапот на Мицкоски покажал дека тој има проблем со подобрата иднина и перспективите што се отвораат пред граѓаните на Македонија.