Ако се остварат најавите дека Уставните амандмани нема да добијат поддршка од две третини од пратениците во Собранието, тогаш според изјавите на премиерот Заев ќе се распишат предвремени парламентарни избори. Ако ова сценарио се реализира, тоа ќе бидат петти предвремени парламентарни избори од 1990 година.
До сега пет пати граѓаните гласале на редовни парламентарни избори. За прв пат во ноември 1990 кога ВМРО-ДПМНЕ освои најмногу пратенички мандати, но не можеше да состави влада. Поради проблемите со составување на владин кабинет во 1991 се одлучи да се формира техничка влада која ја предводеше Никола Кљусев. Владата на Кљусев не го доврши мандатот бидејќи и беше изгласана недоверба.
Во 1992 Македонија ја доби првата политичка влада која го доврши мандатот на техничката. Ја предводеше Бранко Црвенковски. Во 1994 на изборите победи Сојузот за Македонија предводен од СДСМ кој освои 87 мандати.
СДСМ имаше комотна власт со оглед дека ВМРО-ДПМНЕ не учествуваше во вториот круг на изборите (изборите во 1990 и 1992 се одржуваа според мнозински изборен модел) и немаше пратеници во Собранието.
Парламентарните избори во 1998, донесоа промена на власта. ВМРО-ДПМНЕ беше победник на изборите со 49 мандати и во коалиција со Демократска Алтернатива и ДПА ја состави владата. Во 2002 парламентарни избори по воениот конфликт. СДСМ се врати на власт. Со убедлива победа и освои 60 пратеничкии места. Со ДУИ, која произлезе од расформираната ОНА ја состави новата македонска влада.
Во 2006 година започнува ерата на ВМРО-ДПМНЕ. Со Никола Груевски како лидер таа партија освои 45 наспроти 32 мандати на СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ ја состави новата влада со ДПА, НСДП, ПЕИ и ДОМ.
Две години потоа се случија и предвремени парламентарни избори. Тие на ВМРО-ДПМНЕ му донесоа уште поубедлива победа заедно со коалициските партнери. Освоија 63 мандати и заедно со 18 на ДУИ имаа стабилно ново владеачко мнозинство. Во 2011 нови предвремени парламентарни избори. Повторно ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ победници во македонскиот и албанскиот политички блок со 56 односно 15 пратеници.
2014 ги донесе третите предвремени парламентарни избори. ВМРО-ДПМНЕ и партнерите од коалицијата “За подобра Македонија” освоија 61 мандат наспроти 34 на СДСМ и коалицијата. Повторно ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ со деветнаесетте пратеници ја составија владата.
Овие резултати СДСМ не ги призна откако гласачките места беа затворени.
Следуваше период на тешка политичка криза, „бомбите” на опозицијата, пржинската влада и новите предвремени парламентарни избори во 2016. Иако на овие избори ВМРО-ДПМНЕ освои најмногу мандати 51, наспроти 49 мандати на СДСМ, сепак не успеа да состави влада.
Предвремените парламентарни избори како последица на неусвојувањето на уставните амандмани би биле петти по ред.
Ако се оди на нови предврмени избори, тоа би значело дека од осамостојувањето во 1991 година, македонскиот електорат повеќе гласа на предвремени, отколку на редовни парламентарни избори. Претходно треба да биде формирана „Пржинска влада” за која опозицијата смета дека треба да трае 100 дена, а власта повикувајќи се на Уставот е подготвена за 45 до 60 дена.
Comments are closed for this post.