По вчерашниот прв бурен ден, денеска Собранието ја продолжува дебата за уставните измени. Она што стана јасно по долгата расправа е дека владејачкото мнозинство е далеку од потребните 80 пратеници за измена на уставот.

Она што досега само се навестуваше, дојде потврда и лично од премиерот Заев кој побара поддршка од пратениците за да ја обезбедат европската иднина на земјата.

Во своето обраќање тој дури и понуди помирување за случувањата на 27 април што во јавноста веднаш беше протолкувано дека е подготвен да даде амнестија за обвинтетите пратеници.

Ајде колеги од левата страна да подадеме рака на десната страна. Одличен момент е да си простиме и да се помириме. Испраќам порака на помирување и простување за 27 април и настаните што се случија. Да седнеме и да го направиме тоа, јас сум подготвен. Знам дека тоа има цена и подготвен сум да ја платам, политичка е цената-рече премиерот.

Пратеничката Ане Лашкоска од ВМРО-ДПМНЕ  пак ја обвини власта дека процесот за потпишување на договорот го воделе сами без никакви консултации и вклученост на опозицијата и токму заради тоа не може сега сите да ја делат одговорноста.

Сите грчки медиуми прогласија победа во спорот после потпишување на договорот. Македонската страна ги сприфати сите грчки позиции кои што ги имаа нивните политичари. Процесот го водевте сами, а сега сакате сите да ја делиме одговорноста за ововј штетен договор, рече Лашкоска.

Расправата за потребата за отворање на уставните измени може да трае најмногу десет дена по што треба да следи гласање а потребно е двотретинско мнозинство од 120 пратеници.