Кој и зошто лаже во македонската редакција на Википедија? Ова прашање се наметнува ако се разгледаат податоците на неформалната „енциклопедија“, за жал, поврзани со ликот на првиот претседател на независна Република Македонија, Киро Глигоров.

Наспроти обемната содржина посветена на Глигоров, во неа има еден детал, што апсолутно не одговара на вистината. А, тоа е дека Киро Глигоров бил во македонската делегација, што во мај месец 1944 година остварила средба со маршалот Јосип Броз Тито.

Дури и самата Википедија се јавува со два спротивни податока. Па, така во делот посветен на Глигоров се вели дека тој престојувал на Вис, а во делот посветен на македонската делегација за средбата со Тито неговото име го нема, што е точни и одговара на историската вистина.

Еве што стои во оригиналот на Википедија за средбата на Вис:

Состанокот на островот Вис

Во екот на подготовките за свикување на АСНОМ, во јуни 1944 година, тричлена македонска делегација во состав Методија Андонов-Ченто, Емануел Мане Чучков и Кирил Петрушевски, заминала на островот Вис на средба со највисокото југословенско партиско и државно раководство предводено од Јосип Броз Тито. Делегацијата требала пред врховните тела на Југославија и пред самиот Тито да го постави праањето за остварувањето на крајната цел на македонската национална борба: ослободување и обединување на Македонија. Делегацијата била овластена меѓу другото “да го повика македонскиот народ од егејскиот и пиринскиот дел на Македонија да ја продолжи борбата против окупаторите и, ако тоа го дозволи меѓународната ситуација, да се повикаат на обединување на силите во единствена борба…”

Делегацијата го поставила прашањето за обединување на македонскиот народ и на Македонија, во време кога таму бил примен од Тито и грчки претставник. На македонската делегација директивно и било соопштено тоа прашање да не го поставува до завршувањето на војната, туку единствено на повоената мировна конференција. Таква забрана му било поставено само на македонското раководство. Ветувањата на Тито дека македонското прашање ќе биде поставено на мировната конференција не се оствариле. На конференцијата македонското прашање не било поставено, но најверојатно не ни било разгледувано и поставувано на Министерскиот совет. За Југославија мировната конференција требало да ги разреши само територијалните разграничувања меѓу Југославија и Италија.

Во делот, пак, за Глигоров стои една апсолутно неточна реченица:

„Истата година (1944, н.з.) присуствувал на островот Вис како претставник на Македонија на заседанието на АВНОЈ“.

Значи, Глигоров ниту бил на Вис, ниту таму се одржало заседание на АВНОЈ!

Случајно или не, премиерот Зоран Заев во вчерашното гостување на „Утрински брифинг“, говорејќи за Глигоров, меѓу другото, парафразирано, изјави дека тој (Глигоров, нз.) бил избран како прв делегат на АВНОЈ на свои 27 години.

И ова апсолутно не одговара на вистината. Зашто, во книгата Документи за АСНОМ стои податокот дека од 40-те кооптирани делегати за АВНОЈ, името на Глигоров се наоѓа на 24 место. И, што е уште поважно, од тој список бил верификувани мандатите само на првите седум имиња, што значи дека Глигоров не бил и официјално делегат на АВНОЈ.

Жално е што токму за името на првиот претседател на независна Република Македонија се дозволуваат вакви апсолутно непотребни историски екскурзии, без разлика од каде доаѓаат интервенциите. Неговото богато историско минато апсолутно не го заслужува тоа, ниту има потреба од негово „разубавување“. Напротив, само предизвикува отворени сомнежи за дигитално прекројување на македонската историја и историските факти, што само по себе е грешка, особено во моменти кога „историската лага“ и се наметнува на Македонија и Македонците од страна на официјална Софија.

Неминовно е македонската редакција на Википедија да интервенира и да ја исправи (не)намерната грешка.