Пркосеше и си замина од директорската фотелја во Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), откако беше разрешен од позицијата, но и по спласнување на емоциите Стојко Пауновски вели дека во таа институција нема место за тие 35 луѓе. Станува збор за рамковно вработени лица кои Пауновски одби да ги прими затоа што немаат доволни квалификации. Во интервју за 24 Анализа синоќа тврдеше дека само 12-13 лица ги исполнувале условите, другите не. Рече дека сè што правел било да ја заштити институцијата, вработените, државата.

Тој рече дека одбивал да ги прими и да земаат плата, а да не работат, затоа што како СДСМ претходно се бореле токму против тоа. Негира и дека тоа го правел само заради тоа што се Албанци.

Јас сум бил 6 години пратеник, на говорницата цела македонска јавност ме слушала кога сум зборувал дека има 3 500 луѓе кои седат дома и земаат плата. Сега јас требаше да бидам тој кој го продолжува тоа и да примам луѓе кои ќе седат дома, а да им давам плата затоа што нема место во местата каде сакаат да бидат сместени, рече Пауновски.

Ако некој успее да ги смести доделените лица, рече тој, јавно ќе се извинам и ќе му честитам.

Јас ќе му честитам, јавно ќе се извинам ако за сите најде соодветно место. Знам што наследив во 2018, од тогаш низ цела Македонија ги опремивме сите одделенија, направивме институцијата од 19 век да изгледа како европска институција. Во Тетово во 90 квадрати беа сместени 53 луѓе. Сега се 40 луѓе во 400 квадрати во современи услови за да може да работат, рече Пауновски.