Здравствените власти во земјава сериозно ја разгледуваат можноста за набавка на вакцините против ковид-19 на кинеските производители „Синовак“ и „Синофарм“, потврди министерот за здравство Венко Филипче во интервју за емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат. Со помош на кинеската амбасада во земјава веќе се остварени контакти со тамошните производители на вакцини.
– Чекаме детали во однос на договорот, цената и испораката и верувам дека до крајот на оваа недела сите овие детали ќе ги имаме. Сега не би сакал да зборувам за рокови, меѓутоа, суштината е во тоа што очигледно е дека производителите кои први успеаја да излезат на пазарот, а тоа е „Фајзер“, на пример, имаат проблем со капацитетот. Повеќе европски земји најавуваат и тужби поради неисполнување на договорите, Хрватска го прекинува процесот на имунизација и тоа е нешто што не тера да работиме буквално на сите полиња за да обезбедиме интегрален процес, без пауза од моментот кога ќе почне имунизација, секако, со сите овие безбедни вакцини“, вели Филипче.
Според него, проблем не би требало да претставува тоа што кинеските вакцини не се одобрени од Европската агенција за лекови.
– Сосема соодветни се документите, сертификатите што сите производители на вакцини ги имаат од своите матични земји. Во таа смисла, начинот на кој се евалуираат сите резултати од клиничките студии, процесот на изработка на вакцините, конкретно овие за кои зборуваме, е одлично познат на нашите експерти. Токму тоа го анализираа буквално за сите вакцини кои се сега на пазарот, така што, нема никаква административна пречка и, секако, дека нема сомнеж во нивниот квалитет, истакна Филипче
Сепак, вели дека земјава не се откажува од планираните дози преку Ковакс-механизмот, за што е најавен состанок в петок на кој треба да се прецизира кога и колкава количина вакцини ќе дојдат во земјите кои аплицираа преку овој механизам. Се чека и одговор на „Фајзер“ во делот на деталите од договорот и дозвола за количините кои треба да пристигнат од Србија.
Најавата за можно набавување на вакцини од Кина доаѓа во услови на доцнење на испораката на вакцините на „Фајзер“ и на другите западни производители, за што некои држави членки на ЕУ најавија и судски спорови. Филипче вели дека се обидуваат да обезбедат количини од сите производители за кога ќе започне процесот на имунизација да нема пауза
Comments are closed for this post.