При крај се подготовките за тендерот за набавка на лабораториски реагенси, рече денес на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче, кој додаде дека се прават финални консултации и оти „за недела две ќе се објави постапката“.

Тој рече дека со новиот тендер ќе се заштедат пет-шест милиони евра (15 отсто) од сегашната сума што се троши.

– Сметаме дека на износ од 35-36 милиони евра за три години ќе заштедиме најмалку пет- шест милиони, а тие пари ќе ги инвестираме назад во здравствениот систем пред се во платите, но и подобрување на опремата и на инфраструктурата, рече Филипче.

Тој најави нов систем на функционирање на лабораториите во здравствените установи со цел да се воспостави поквалитетен лабораториски систем, да се направи голема заштеда, а тоа да го почувствуваат пациентите.

– Се планира систем на транспорт на крв кој ќе функционира во рамки на градовите, нема да има осум централни лаборатории и систем за транспорт на крв низ државата, ниту повеќе лаборатории во две или три места во помалите места, рече Филипче.

Министерот посочи дека во Скопје ќе има лаборатории во големите болници, централна лабораторија во Клиничкиот центар, во ГОБ „8 Септември”, во Старата градска болница, а бројот на лаборатории во Здравствениот дом во амбулантите ќе се преполови од 11 на пет или шест.