Ќе пропушти ли Република Македонија уште една шанса за расчистување со своето поблиско минато?

Ова прашање се наметнува по усвоениот предлог на владејачкиот СДСМ за носење на закон за политички партии, фондации и здруженија на граѓани по скратена постапка, што произлезе од формирањето клубови на т.н. македонски Бугари со имиња на контроверзни личности, кои во дадени историски моменти и услови се јавувале во улога на соработници на бугарскиот наци-фашизам.

Без разлика дали предлог-законот ќе се одолговлекува и никогаш нема да биде усвоен за да се оправда очигледниот политички усмен договор меѓу власта и бугарската страна за давање виза за формирање вакви клубови и здруженија, самата негова најава е во чиста спротивност со три резолуции и една декларација донесени од страна на Советот на Европа. Ова, пак, во целост ја поткопува определбата на Македонија за членство во Европската унија.

Станува збор за Резолуцијата 1096 (1996 година) на Советот на Европа за мерките за ослободување од наследството на поранешните комунистички тоталитарни системи, Резолуцијата 1481 (2006 година) за потребата од меѓународна осуда на злосторствата на тоталитаристичките комунистички режими, Резолуцијата на Европскиот парламент за Европска свесност и тоталитарност (усвоена на 2 април 2009 година), како и за Декларацијата од 23 септември 2008 година за прокламацијата на 23 август за Европски ден на сеќавање на жртвите од Сталинизмот и Нацизмот.

-Предлагаме политичките партии во своите програми, статути и дејствување да не можат да бидат насочени кон разгорување на национална, расна или верска омраза, етничка нетрпеливост, нетолеранција, геноцид, екстерминација, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, национал-социјализам или Третиот рајх или повикување на личности и настани поврзани со фашизам, нацизам, национал-социјализам или Третиот рајх, исто така мора да застанеме во одбрана на вредностите на коишто се темели нашата држава, а тоа се антифашистичките вредности, порача координаторот на пратничката група на СДСМ, Јован Митрески, најавувајќи го предлог-законот.

Во неговата изјава се споменува се освен сталинизмот и комунизмот, кои се изедначени со нацизмот. Очигледно, наследниците на македонските комунисти и натаму го бранат комунизмот како „бела мечка“! И ова не е првпат, зашто комунизмот како термин не беше споменат ни во Декларацијата на Собранието на РМ за извинување на жртвите од репресијата од режимот во периодот од 1945 до 1990 година. Стои режим, но тој не се именува.

Но, затоа, пак, комунистичкиот период како таков се именува во преземените обврски кон Бугарија во делот на отворање на архивите на репресивниот апарат.

-Владата на РСМ во согласност со Декларацијата за извинување на жртвите од репресиите од режимот во периодот 1945-1990 година, усвоена во 2006 година од Собранието на тогашна РМ и во духот на Резолуцијата на Европскиот парламент за Европската совест и тоталитаризмот од 2009 година да ја реафирмира осудата и извинувањето на неправдите и репресиите извршени во минатото, директно или индиректно, од страна на југословенските комунистички власти против граѓани врз основа на нивното етно-политичко самоопределување, вклучително и Бугарите.

Владата на РСМ изјавува дека ќе ја создаде неопходната правна рамка за целосно отворање на архивите на репресивниот апарат на поранешните служби за државна безбедност од КОМУНИСТИЧКИОТ период вклучително полицијата, цивилното и воено разузнавање и контраразузнавање во периодот 1945-1991 година. Оваа сеопфатна правна рамка ќе создаде јасни можности за слободен, неограничен и навремен пристап, проучување, право на употреба, објавување и институционално проучување и заштита на соодветните документи.

Факт е дека комунистите и КПМ одиграле решавачка улога за време на Втората светска војна и биле водечкиот елемент во создавањето на македонската држава во рамки на тогашната југословенска заедница.

Факт е дека терминот комунизам бил заменет со терминот социјализам со човечки лик. Факт е дека во составот на Народноослободителната војска не биле сите членови на КПМ. Но, исто така факт е дека тогашниот репресивен апарат ги користел истите методи и средства на делување како и сталинизмот, па затоа би било апсурдно да се тврди дека југословенскиот или македонскиот комунизам/социјализам во одреден временски период не може да се поистовети со сталинизмот.

Оттука и потребата пратениците добро да размислат пред усвојувањето на најавениот закон за политички партии, здруженија и фондации. Зашто, во крајна линија, како држава би се нашле во ситуација свесно да се откажеме од сопствен антикомунизам како процес, што би и припаднал на Бугарија!