Додека Артан Груби е на турнеја за лобирање за попис на дијаспората и се слика со Еди Рама, пратеникот од Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, Васил Стерјовски, на денешната пленарна седница на албанскиот парламент, повторно ја пренесе загриженоста на Македонците, жители на општина Пустец во врска со проблемот со снабдување со електрична енергија.

Како пратеник од округот на Корча, во Парламентот, во повеќе наврати ја имам изразено загриженоста на жителите од македонската заедница во општина Пустец во врска со проблемот со снабдувањето со електрична енергија. Од времето на електрификацијата повеќе од 50 години во главната мрежа и дистрибуција на електрична енергија во општина Пустец, не е извршена никаква интервенција”, рече Стерјовски.

Додаде дека електромрежата е амортизирана и дека тоа на жителите им создава тешкотии во секојдневниот живот.

Стерјовски потсети дека на една од пленарните сесии минатата година, министерката за инфраструктура и енергетика, Белинда Балуку, во врска со овој проблем, ветила дека и Пустец ќе биде под внимание на министерството, но, оти „до денес не е преземена ниту една мерка за решавање на овој проблем”.

Барам од Министерството за инфраструктура и енергетика сериозно да го сфати проблемот со снабдување со електрична енергија на општина Пустец и да вложи во реконструкција на електричната мрежа, бидејќи жителите на општина Пустец во овие триесет години се пример во однос на плаќањето на сметките за потрошена електрична енергија, со 100 отсто наплата”, посочи Стерјовски.

Пратеникот Стерјовски повеќе пати апелирал за надминување на проблемите со кои се соочуваат Македонците во областите Мала Преспа, Гора и Голо Брдо. На негово барање беа издвоените средства од буџетот на владата за изградба на водоводна мрежа и за легализацијата на дивоизгаредните функционални објекти во општина Пустец.