Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ за евроинтеграцискиот пат на земјата и националните црвени линии е на дневниот ред на 47. седница на Собранието, која треба да се одржи денеска. На дневниот ред од денешната седница се повеќе предлог закони, како и барања за давање на автентично толкување на членови од повеќе закони.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски синоќа од скопски Карпош побара резолуцијата да биде прифатена од сите политички партии „без условувања и барање на изговори“.
Мицкоски вели дека прифаќањето на резолуцијата од сите политички партии ќе значи единство кое ни е потребно за почеток на преговорите со Европската Унија, но, пред се ќе се зацврстат државните позиции на Македонија.
– Колку што имам информација резолуцијата ќе биде ставена на дневен ред во текот на утрешниот ден. Очекувам поддршка од сите политички партии во Парламентот, без условувања и без демагогии, без изговори, очекувам да се надминеме себе си и да покажеме единство кое што мислам дека во периодот кој следи ќе ни биде многу значајно во процесот на отпочнување на преговори со ЕУ и тоа само ќе ги зајакне на позициите на Македонија како држава, потенцираше синоќа Мицкоски.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи, вчера изјави дека ДУИ ќе ја поддржи резолуцијата за црвените линии во преговорите со Бугарија, доколку се користи уставното име на државата. Според него, резолуција во која нема уставно име, нема правна форма.
– Во однос на резолуцијата од првиот ден како министер за надворешни работи се водам од премисата – прво да не се направи штета. И оттука и мојата анализа и мојот став како министер за надворешни работи во однос на прашањето се водеше по тој принцип – кои се бенефитите и која може да биде штетата од тој пороцес. Затоа прво на што повикав е која било резолуција која треба да ги одрази интересите на државата да биде донесена со консензус. Затоа што макотрпно овие месеци изградивме конснезус што ги поминува етничките, идеолошките линии по однос на ова прашање. И тој консензус којшто не често се случува во оваа држава, ни помогна да добиеме речиси ист таков консензус во самата ЕУ, оцени Османи.
Comments are closed for this post.