Иако пред една недела тврдеша дека дел од „бомбите“ кои ги објавува Ел Чека на фејсбук ги има и во СЈО и дека не може да гарантира дали протекуваат од оваа институција, сега Катица Јанева го смени ставот.

Уверува дека „бомбите“ не се од кај нив. „Бомбите“ што ги објавува кичевецот Шеќерим Ахмети кој на „Фејсбук“ е познат како „Ел Чека“ наместо од ахивата на СЈО може си ги презема од „Ју тјуб“, тие јавно се објавени, вели специјалната обвинителка.

„Тие се јавно објавени, може да си ги презема од ЈуТјуб. Сега што да кажам за тие. Ајде поздрав“, изјави специјалната обвинителка..

Минатата недела, пак Јанева на новинарско прашање дали може да гарантира дека „бомбите“ што ги објавува „Ел Чека“ не се излезени од СЈО таа одговори:

„Не, не можам да гарантирам, тоа се уште се истражува“, изјави Јанева.

Ел Чека пред неколку недели почна да објавува прислушувани разговори на „Фејсбук“. Најголем дел од „бомбите“ се однесуваат на функционери од ДУИ.

Инаку Јанева денеска даде отчет за сработеното во првата половина од годинава. Таа  го презентираше извештајот за работата на нејзиниот тим пред Советот на обвинители. Според зборовите на Јанева Советот бил задоволен од работата на СЈО.