Професорката Тања Каракамишева преку свој статус на Социјалните мрежи стручно објасни што е разликата помеѓу вонредна и кризна ситуација во Македонија.

-Што е разликата меѓу кризна и вонредна состојба?

1. Во услови на кризна состојба владата дејствува и ги презема сите активности согласно законот за управување со кризи и согласно постојните закони донесени од Собранието.

Ова значи дека надлежностите на владата се дефинирани и ограничени со постојните закони.

2. Законите не и даваат право на владата во кризна состојба да носи акти кои во услови на вонредна состојба би имала право да ги носи.

3. Во услови на вонредна состојба согласно Уставот владата има право да носи уредби со законска сила.

Овие уредби имаат сила на закони, така што практично во вонредна состојба владата ќе може да ја преземе законодавната надлежност на Собранието, додека во кризна состојба тоа не е можно.

4. Во кризна состојба владата е ограничена да делува согласно постојните закони, додека во вонредна ќе има право да суспендира закони, да менува, да дополнува закони и слично преку уредбите со законска сила.

На пример, владата ќе може да донесува уредба за ново задолжување на државата, уредба за ребаланс на буџетот, уредба за прераспределување на буџетските средства од една во друга област, уредба за упатување повеќе пари во здравството, уредба за помош на стопанството, уредба за ограничување на човековите права и сл.

Во кризна состојба сето ова не е можно.

5. Со вонредна состојба ќе може да се ограничуваат човекови права, во кризна состојба тоа оди потешко, бидејќи ќе се бара примена на постојните законски решенија за да се направи ограничувањето. Во услови на вонредна состојба тоа ќе се прави директно со уредбите со законска сила.

6. Вонредна состојба не е прогласена никогаш во Македонија. Единствени уредби со законска сила имало во Социјалистичка Р.Македонија.

7. Начинот на функционирањето на вонредната состојба не е уреден со закон за вонредна состојба, така што целата моќ ќе биде централизирана во владата и во министрите.

8. Вонредна состојба се прогласува за 30 дена, а доколку не помине опасноста таа се продолжува секои наредни 30 дена од страна на претседателот на Републиката, рече Каракамишева.