Вицепремиерот и министер за одбрана на Бугарија, Красимир Каракачанов, денеска го прими специјалниот претставник на Македонија за Бугарија, Владо Бучковски, пишува софисдки 24 часа.

На средбата, која траеше еден час, проф.Бучковски го изнесе ставот на македонската страна дека дијалогот меѓу двете соседни држави треба да продолжи и низ дијалог да се дојде до враќање на довербата. Според него, пријателсдкиот тон во двостраните разговори е единствениот начин за постигнување разбирање. Бугарскиот вицепремиер го изрази своето задоволство од изнесените желби за дијалог од македонска страна и обновување на довербата.

Истовремено Каракачанов го изрази незадоволството кај голем дел од бугарското општество кон продолжувањето на антибугарската реторика од страна на низа медиуми и политичари во РСМ.

-По повеќе од 30 години систематска дипломатска, финансиска и воено-техничка поддршка на Македонија од страна на Бугарија, бугарскиот народ се прашува зошто се води таква жестока антибугарска кампања од една пријателска земја, посочи Каракачанов.

Тој подвлече дека бугарскиот народ нема да дозволи никаков компромис ниту со историските факти, ниту со заедничката историја на Бугарија и Македонија до 1944 година, ниту со крвта на повеќе од 200.000 луѓе загинати не како окупатори, туку за слободата на своите браќа во Македонија.

Каракачанов исто ја нагласи неопходноста од запирање на говорот на омраза кон Бугарија, подвлекувајќи дека со децении образовниот систем на Скопје всадува омраза кон Бугарија, бугарскиот народ и се што е бугарско.

-Бугарија нема претензии како се самоопределува еден дел од македонското општество, но тоа самоопределување не може да биде на сметка на присвојување на делови од бугарската историја и идентитет, нагласи Каракачанов.