Владата го даде одговорот преку соопштението на Министерството за надворешни работи, вели за Пресинг Тв владиниот портпарол, Миле Бошњаковски, запрашан дали ќе следи реакција по најновите настапи на бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана и лидер на ВМРО-БНД, Красимир Каракачанов.
Каракачанов прво реагираше по изјавата на премирот Зоран Заев дека со договорот со Грција ќе може да се отвори врата и Македонците таму да можат да го изучуваат мкедонскиот јазик. Настрана грчките реакции, за повикан се најде и бугарскиот министер, кој се закани дека ваквите изјави и споменувањето на македонскиот јазик, што, според него, не постои, можат да ја оддалечат Македонија од НАТО и ЕУ.
На ова реагираше македонското МНР, кое потенцираше дека „изјавата е извонредна прилика за сличен контра – одговор и создавање на врзан негативен круг, што ќе не оддалечи едни од други и ќе создава непријателство, наместо пријателство. Потпишавме договор за пријателство и ќе градиме пријателство, но тоа подразбира меѓусебно разбирање, почит и грижа за интересите на соседот. Република Македонија и понатаму ќе продолжи со својата проактивна, конструктивна и добрососедска политика, во духот и на потпишаниот Договор со Бугарија и на европските вредности по кои се водат двете земји“.
Но, ова не беше доволно за бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, па за викендот „распали од сите орудија“. Едноставно, не просветли. И тоа до немај каде. Настрана цар Самоил, незадоволството од досегашната работа на заедничката мешовита комисија за историјата и учебниците, млакоста на бугарските историчари… Со неговото лично чувство и фројдовски изразената (пот)свест за станувањето возвишен, европски и НАТО-Бугарин!
Јас не сакам да останам како глупак, кој тргнал со добра намера да им помогне на луѓе да тргнат по еден прав пат, да се осознаат и да станат нормални луѓе, ајде да не кажам добри Бугари, ќе рече Каракачанов.
И ќе остане жив. Ма, каков глупак?! Пу,пу, пу, скраја да е. Па, може ли да е еден бугарски вицепремиер и министер глупак, како што самиот вели, ако „добрите Бугари“ тргнат по прав пат, се осознаат самите и станат нормални луѓе?! Таман работа! Тоа е надвор од здравиот разум!
Исто како што е „надвор од здравиот разум“ истите тие „добри Бугари“ се уште да го слават 11 Октомври како ден на почетокот на антифашистичката борба и уште тоа да го претставуваат како некаква „европска вредност“! А, всушност, што, според Каракачанов, се случило на тој 11 октомври 1941 година кога сите борби во Македонија, се до 1944 биле бугарски?
Една група марксисти-комсомолчиња го убива дежурниот полицаец пред полициската управа во Прилеп. И што се покажува. Убиениот полицаец е татко на четири деца и граѓанин на истиот град Прилеп. Каде е сега тој бугарски окупатор, каде е таа битка, каде е тоа востание. Само што истите тие луѓе, кои пишуваат, празнуваат, организираат и држат говори на тој ден, 11 октомври, политичарите во Скопје не кажуваат дека окупаторот, царска Бугарија, од 41 до 44 година инвестира 41% од својот буџет во Македонија. Македонија претставува околу 22-23 % од територијата Бугарија, но за три години добива по 40% од буџетот за патишта, училишта, производство, земјоделство и т.н…
Ах тие марксисти-комсомолчиња. Уништувачи на забави. Како смееле тоа да го направат кога окупаторот, царска Бугарија, давал цели 40% од својот буџет за изградба на училишта, патишта…И за кого го правел тоа, ако не за „добрите Бугари“!? Срам да им е. На марксистите-комсомолчиња де, не на „добрите Бугари“. Зошто, воопшто, им бил потребен тој антифашизам, борба за слобода, за сопствена држава…?!
Какво става г-дин Каракачанов, не деј се тревожи!
Бај Красимир Каракачанов, по се изгледа, е во многу тешка позиција. Од една страна му тежи товарот со аферата со бугарските пасоши, а од друга, претстојните избори за европскиот парламент. Башка, ни во неговата мини патриотска коалиција не му цутат рози. Од сите страни е сардисан. И како ќе се вади ако не начин, што најдобро го знае. Со чист бугарски национализам и шовинизам. Во „духот“ на договорот за добрососедство и пријателство, ама онака како што тој самиот го чувствува или, подобро речено, сака да го диктира.
Сака, ама не може. Зашто, членовите на заедничката комисија многу добро знаат што и како треба да сработат. И илузорни се било какви обиди за политички притисоци, особено не од политички маргиналци од типот на Каракачанов.
Comments are closed for this post.