Дали оваа лична заштитна опрема и е поделена на војската која треба да и помага на полицијата во спречување на ширењето на корона вирусот во земјава?

Бидејќи станува збор за информација од јавен интерес, ги објавуваме фотографиите кои ни ги достави свиркач, на кои се гледа заштитна опрема од Југославија, произведена во Сараево 1975 година. Оваа заштитна опрема, се состои од пакет за лична заштита на граѓаните со маска, прва помош при повреди, и најлонски шатори за преку тело.

Министерката за одбрана претпладнево соопшти дека три задачи ќе бидат во главниот фокус на армиските припадници кои од вчера директно се вклучени во поддршка на сите државни институции во справување со коронавирусот и епидемијата во следниот период.

Согласно донесената владина уредба формиран е оперативен штаб помеѓу полицијата и армијата во него се дефинирани попрецизно начините на кои армијата ќе ѝ асистира на полицијата.

Нови три задачи на армијата се следните:

– обезбедување и надзор на граничната линија на државната граница со цел спречување на влез и излез на сите лица кои имаат намера да извршат нелегален премин на државната граница;

– контрола на влез и излез на патните правци кои водат кон населените места преку воспоставување на мобилни пунктови и контролни точки во реоните за ангажирање и

– физичко обезбедување на витални објекти кои се обезбедувани од Министерството за внатрешни работи.

Уредбата исто така определува дека Армијата формира и ангажира сили и за поддршка на единиците на локалната самоуправа, органите на државната управа или на други државни институции на Република Северна Македонија, со цел спречување на ширење на епидемијата и отстранување на последиците настанати од епидемијата за укажување на помош заради спасување на луѓето и материјалните добра.