Во решението за притвор на поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски, станува збор за копи пејст на решението и копи пејст на аргументите врз основа на кои тоа не може да биде одржливо за притвор на Миле Јанакиески, изјави одбраната на Божиновски, адвокатот Еленко Миланов.

Дури и да беа родени близнаци, пак ќе требаше различни образложенија, рече тој.

Притоа додаде дека и при целата хајка и закани, по бегството на екс-премиерот Никола Груевски во Унгарија, неговиот клиент од страна на полицијата не бил пронајден во некоја кафеана, ниту кај неговите родители, туку во неговиот дом.

Адвокатката Сања Алексиќ истакна дека пројавената правна несигурност произлегува од тоа што мерката притвор била изречена во отсуство на одбараната, што претставува прекршување Конвенцијата на Европскиот суд за човекови права и неговата пракса, кои, пак, се составен дел и од Уставот на РМ и од законските одредби. Според неа, не станува збор ниту за чекори за бегство, ниту за прекршување на мерките за претпазливост, ниту за некаков посредник, ниту за сметки во странство.

Кирил Божиновски потврди дека ниту поседува, ниту има, ниту размислувал за сметки во странство, што го потврди со фактот дека во образложението за притвор не е наведена ниту земја, ниту, банка, ниту сметка, ниту висина на средства. Изјави дека содржината на службената белешка на УБК е целосна невистина и оти на 13 ноември, по директната средба меѓу шефот на државата и екс-министерот, за текот и содржината на разговорите бил директно запознаен од Миле Јанакиески, Средбата била одржана на јавно место и пред сведоци и на неа не станало збор за амнестија, што е погрешен израз, зашто претседателот на државата дава аболиција. Тоа, за него, е уште една потврда дека се работи за фабрикувана белешка.

Божиновски најостро го осуди бегство на Груевски и оцени дека таквиот чекор носи огромна штета по многу процеси во државата, но додаде дека секој си одговара за своите постапки. Тој се пожали на болната сопруга за што е приложена медицинска документација и вети дека ќе присуствува на сите рочишта, како што и досега присуствувал.

Обвинителката од СЈО, Лиле Стефанова остана на ставот дека е неопходна мерка притвор.

Апелелација има рок од 48 часа да одлучи по жалбата.