Не постои посветена борба против организираниот криминал ако од криминалците не се одземе неосновано стекнатиот имот. Во таа насока пред нас поставивме цел за јакнење на националните капацитети за спроведување финансиски истраги со истрагите за организиран криминал. Ќе формираме посебни специјализирани единици за водење финансиски истраги во МВР, царинската управа, финансиска полиција и во истражните центри на основните јавни обвинителства.

Ова, меѓу другото, го истакна министерот з внатрешни работи, Оливер Спасовски, на конференцијата „Разговараме и делуваме на патот кон ЕУ“, што ја организираа „Прогрес Институтот за социјална демократија“ и фондацијата „Калеви Сорса“ од Финска.

Учесниците во дебатата забележаа дека новата влада е отворена за реформските процеси, ја вклучува јавноста и невладиниот сектор во креирањето политики за добро владеење, но сепак таа треба повеќе да се фокусира на спроведувањето, а не само на носењето стратегии и закони.

Имаме веќе седум случаи во кои е покрената одговорност, а наредниот период ќе има уште многу други случаи. Ќе има интересни моменти за јавноста, за невладиниот сектор и за сите нас, кои ќе покажеме дека имаме јасна недвосмилена борба против корупцијата, посочи Спасовски.

Најмалку можности за работа, додаде тој има  во делот на финансиските истраги, бидејќи немало развиен систем за дејствување и тоа не било случај само во Македонија, туку и пошироко во регионот. Најмалку покриен е и сегментот за борба против кибер криминалот. И тука, рече, Спасовски, потребно е вложување повеќе напори.