Да ја повикаме  армијата  на незадоволни, критичари и волонтери, да излеземе со единствен кандидат за претседател и да победиме. Ова е предлогот на поранешниот пратеник  Љубомир  Јосифовски, објавен на  социјалните мрежи.

Здружување на сите  слободоумни и самосвесни индивидуи и на следните претседателски избори да излеземе со единствен/на кандидат за претседател. Време има доволно. Ова ќе овозможи да се канализира целокупната енергија и критика во вистински правец и како организирана форма, да даде победнички резултат, пишува Јосифовски.

Во продолжение писмото во целост:

Значи, започнувам со иницијатива за сите оние кои мислат со здрав разум и имаат слободно време…идејата што ја предлагам е следна…(не е моја и е веќе видена)

Да се здружиме сите слободоумни и самосвесни индивидуи и на следните претседателски избори да излеземе со единствен/на кандидат за претседател. Време има доволно. Ова ќе овозможи да се канализира целокупната енергија и критика во вистински правец и како организирана форма, да даде победнички резултат.

За почеток ќе ги набројам следниве чекори кои мислам дека треба да се предуслов за сериозен настап:

  1. Доволен број на иницијатори кои треба го понесат најголемиот товар (двајца сме во моментов)
    2. Да обезбедиме локација/ии ( дебатен клуб) каде што ќе може да се разговара и дебатира на разни теми
    3. Да ја спакуваме генералната стратегија за настап и програмата за петгодишниот настап на претседателот/претседателката (тука може да препишеме или да украдеме некоја идеја, ионака сите го прават тоа)
    4. Да ја повикаме на помош АРМИЈАТА на незадоволници, критичари и волонтери, да застанеме сите заедно и да дадеме шанса на една нова форма на самоорганизирање…
    5. Да го избереме најдобриот кандидат/ка
    6. Да победиме на следните претседателски избори

Ова во кратки црти се моите видувања. Сите дополнувања, сугестии и критики се пожелни и добредојдени.

Инаку Јосифовски е  македонски политичар и  беше пратеник од НСДП во осмиот состав на Собранието на Република Македонија (2014–2016).  Пред 8 месеци тој поднесе и кандидатура за нов претседател на НСДП и го обвини тогашниот и актуелен лидер дека ја злоупотребил својата позиција, откако членовите донеле одлука Петковски да биде единствен кандидат на Конгресот. Петковски, според него , со притисок врз членовите издејствувал да донесат одлука која е спротивна на статутот на партијата.