Сеа веќе поранешниот премиер Зоран Заев и на заминувањето од функцијата остана доследен на сопствената политичка недоследност, што беше основна карактеристика и на неговото владеење!

Известувајќи го претседателот на Парламентот, Талат Џафери, за поднесената оставка, Заев во првата реченица ги користи термините Република Македонија и Република Северна Македонија. И некој може да забележи дека конечно му дошло преку глава од тоа „Северна“, па одлучил да го користи само Република Македонија.

Но, терминолошки Заев е апсолутно во право. Зашто, употребата на името Република Македонија го поврзува со Законот за Влада и неговите измени, што биле објавувани во време кога тоа било актуелното име на државата. А, и при употребата на името Република Северна Македонија го прави истото, зашто последните измени на Законот за Влада се објавени во Службен весник од 2019 година.

Меѓутоа, ваквата постапка на екс-премиерот претставува вистинска политичка еквилибристика во однос на политиката, што досега ја практикуваше. Зашто, остана глувонем на сите медиумски и експертски укажувања дека со употребата на новото име на државата во документите, што ги издаваат институциите на системот, трч како „прле пред магаре“. Па, така, учениците, средношколците, студентите, кои биле родени во време на Република Македонија, добиваа свидетелства и други документи во кои беше назначено дека биле родени во Република Северна Македонија, што немаше никаква врска со иториските и политичките факти.

А, не ретко се случуваше во неговите настапи да се најде во смешна ситуација. Само за потсетување, според Заев, излезе дека, на пример, претседателот Борис Трајковски бил претседател на Република Северна Македонија, или дека Илинденското востание било крик за европска Северна Македонија…