Господине Спасовски не ви ја честитам функцијата технички премиер затоа што тоа не е за честитање, но ви честитам тоа што откако ќе бидете поразени на изборите на 12 април, ќе ви се отвори патот за да станете лидер на СДСМ, рече во своето обраќање пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски на попладневната седница за избор на техничка влада.

Тој рече дека по нарачка од Владата, се разрешени седум уредници на медиуми и му порача на Спасовски да внимава упатувајќи навреди кон „режимот“, затоа што, „половина од пратениците и третина од министрите кои сега се дел од вашиот тим, биле соработници на тој „режим“.

Илија Димовски рече постојат гласини дека дел од министрите на оваа влада веќе си бараат ангажман во странство, истакнувајќи дека министерката за правда Рената Дескоска веќе пројавила желба да се „едуцира во Венеција“.

Како дојдовте, така ќе си одите. Дојдовте со техничка влада, со техничка влада и ќе си одите, рече Димовски.

Тој ги критикуваше и реформите со кои претходно се пофали Спасовски.

ОТА ви е тотално нефункционална, а АНБ ја претворивте во партиско дувло, рече Димовски.

Тој продолжи со критиките за досегашната работа на Владата.

Широко распространета дрога, нерешени убиства, избегани убијци, нарачани судски постапки директно од министри во владата, уцени на политички неистомисленици, разрешени 7 главни уредници на значајни медиуми… За рекетирање на бизнисмени не ни сакам да зборувам, за тоа јавноста многу знае а и допрва ќе зборувам, рече Димовски.

Тој рече дека ќе им честита само на двајцата министри предложени од ВМРО-ДПМНЕ, кои според своите биографии можеле да се носат „барабар“со целата влада.

Господине Спасовски, гледам љубите реплики од филмови, па ќе ве упатам да погледнете еден српски филм, лесно ќе може да го разберете, се вика „Сенки над Балканот“. Такво е вашето владеење – рече Димовски.