Во Македонија ќе има предвремени парламентарни избори доколку во јуни нема почеток на преговорите за членство во Европската Унија (ЕУ), соопштил извор близок до Демократската унија за интеграција (ДУИ) за порталот „КД политик“.

Блокадата на парламентот од страна на опозицијата и можниот недостаток на европска перспектива со неопределување датум за преговори не оставаат друг избор освен одржување на нови парламентарни избори-наведува албанскиот медиум.

Според пишувањето на порталот, кој важи за кредибилен медиум, на предвремените избори ДУИ нема да оди во предизборна коалиција со македонските партии – ниту со СДСМ ниту со ВМРО-ДПМНЕ.

„Пресинг ТВ“ побара коментар од ДУИ, но засега немаме одговор.

Гласовите на ДУИ се неопходни за распуштање на Собранието бидејќи имаат 15 пратеници. ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса се изјаснија дека предвремени избори се неопходни бидејќи земјата оди во погрешна насока.Лидерот на Алијанса смета дека избори ќе има веќе во октомври оваа година.