Ние веќе почнавме да го градиме тоа чувство дека поддршката од власта е декларативна. Владата искочи со јака политичка волја , го донесе законот за Комисијата и во тој закон беа утврдени јасно и прецизно надлежностите на Комисијата, меѓутоа и правата на Комисијата во смисла на тоа како таа ќе успева да ги обезбедува податоците итн. Ние за да си ја исполниме улогата треба да имаме одредени можности, не сме само за сликање, рече Билјана Ивановска, претседател на ДКСК во своето гостување во „Утрински Брифинг“.

Таа додаде дека кога и да се сретне со функционерите од власта секогаш едно исто и ветуваат дека просториите на ДКСК ќе бидат наскоро, но никако ветувањето да си го исполнат.

Јас да ви кажам верував во приказната дека толку се парите особено со КОВИД кризата и навистина сметав дека дотука е силата и дека можеби и ние не треба да премногу притискаме да ни се купи простор по секоја цена. Всушност и за тоа отидовме на варијанта Б да се среди ова како може да се среди, меѓутоа да биде поевтино и од друга страна да се обезбеди неопходни услови за работа. Меѓутоа со последниве настани кога се избројаа 14 милиони евра не верувам веќе во таа приказна дека нема пари за ДКСК, нагласи Ивановска.

Ивановска посочи дека во таа зграда кај што влезе Груби требаше да се всели ДКСК и Финансова полиција. Во таа зграда требаше да се влезат побитни институции кои треба да откриваат корупција и криминал.