Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов во вториот круг од претседателските  избори гласаше во изборното место 2859 во Скопје, во средното училиште „Јосип Броз Тито”.

По гласањето тој изјави дека очекува уште вечер да се знае кој ќе биде петтиот претседател на Република Македонија, а на идниот претседател му посака да ги исполни сите ветувања затоа што тоа граѓаните го очекуваат и да го сочува достоинството на институцијата претседател.

„Очекувам по мирен мандат. Да се справува со сите предизвици и да наоѓа решенија со сите институции за добробит на Македонија, на нејзините граѓани и за остварување на стратешките цели кои ги имаме поставено“, изјави претседателот Иванов.