Ѓорге Иванов на последниот работен ден како претседател на државата, го искористил законското право и неговиот Кабинет доставил барање до владината Служба за општи и заеднички работи за изнајмување на кабинет.

СОЗР одговорила позитивно на барањето, бидејќи буџетот за канцеларијата изнесува 8 проценти од годешниот буџет на претседателскиот кабинет, што е во согласнот со постоечкиот Закон за правата на претседателот и неговото семејство по престанок на функцијата.

Со тоа, Иванов дефинитивно нема да се врати на старото работно место како професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, туку до крајот на животот ќе користи месечна пензија од околу 100.000 денари, личен возач и лично обезбедување.

Вториот мандат на претседателот Ѓорге Иванов му истекува на 12 мај.

Според Законот за правата на претседателот и неговото семејство по престанок на функцијата, тој има право на пензија чиј износ е еднаков со износот на платата што ја прима претседателот на државата, има право на канцелариски простор и најмногу три соработници. Има и право на лично обезбедување, како и право на користење службено возило и возач.

Од поранешните претседатели, Бранко Црвенковски има доживотна претседателска пензија и кабинет. Семејството на загинатиот претседател Борис Трајковски, неговата сопруга Вилма и децата имаат други права предвидени со Законот.

Според Уставот и законот, доживотните привилегии еден поранешен претседател може да ги загуби само ако бил разрешен со импичмент или ако Уставниот суд констатирал за време на мандатот дека претседателот има деловна неспособност.