Кога сте подготвени едно прашање да решите по секоја цена, тогаш цената е највисока. Цената на ваквото решавање на македонското прашање е правно и историско поништување на Македонскиот народ, бидејќи без македонски народ, македонски идентитет и македонски јазик, нема ниту македонско прашање. Со други зборови, прашањето за идентитетот ќе се реши со негово поништување. Со тоа, Република Македонија и македонскиот народ се втурнати во правна, политичка, историска бездна. Пандорината кутија е отворена и сега речиси секој си зема за право да го негира она што е наше стекнато право. И тоа на повеќе нивоа и во повеќе наврати – истакна Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во годишното обраќање пред Собранието, коментирајќи ја Преспанската спогодба со Грција.

Иванов посочи дека спогодбата со Грција, која беше донесена со изговор дека ќе стави крај на спорот за името со Грција и ќе го отвори патот за членство во Европската Унија и НАТО, всушност и става крај на Република Македонија каква што ја знаеме. Спогодбата повредува одредба од внатрешното право од фундаментално значење, додаде Иванов и појасни дека текстот на Преспанската спогодба е изготвен без национален консензус, без негово знаење и без негова согласност како Претседател на Република Македонија.

Иванов истакна и дека на референдумот на 30 септември, народот се соочил со лажна алтернатива – избор меѓу просперитет и идентитет.

Референдумот беше неуспешен. Со недоволната излезност на референдумот, народот се изјасни против избрзани, наметнати и штетни решенија донесени без претходно постигнат национален консензус. На 30 септември, со негласање, тивкото мнозинство донесе гласна одлука. Одлука дека никој нема мандат од народот да го менува Уставот заради промена на уставното име ниту право да тргува со идентитетот – рече Иванов.

Најголемиот успех на оваа Влада, рече Иванов, е што ја убеди меѓународната заедница дека референдумот ќе биде успешен и дека народот ќе ја поддржи Спогодбата од Преспа.

Но, на крајот од денот, и претставниците на меѓународната заедница се соочија со фактот дека народот ја отфрли Спогодбата. Веднаш потоа, Владата започна да бара изговори и виновници за неуспехот. Мојата порака е да не се бараат изговори. Причината за неуспехот на референдумот е едноставна. Народот препозна дека е уценет и ја отфрли уцената – истакна Иванов.

Претседателот потенцира дека со бојкот на референдумот народот го одбранил своето право на постоење и го зачувал стекнатото право на самоопределување и дека во секоја функционална демократија пропаднатиот референдум ќе значел крај на процесот, што не беше случај кај нас.

Но, за жал, тоа не беше случај кај нас. И покрај официјалните резултати, видовме обиди за слободно толкување на Уставот и законите на Република Македонија со цел неуспешниот референдум да се претстави како успешен, како пред домашната, така и пред меѓународната јавност. Мнозинството во ова Собрание не само што не ја почитува, туку оди спротивно на волјата на народот – посочи претседателот Иванов.

Претседателот истакна дека можност за натамошен развој на односите со Грција гледа преку враќање кон автентичните и ненаметнати мерки на градење на доверба кои, според него, почнале да даваат резултати, како и преку обновување на националниот консензус во Република Македонија.