Ветингот нема да биде штетен и, еве ќе кажам, потребен е и во судството, изјави на брифингот со новинарите претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев.

Одговарајќи на новинарско прашање дали и судството треба да го следи примерот на реформите во полициските структури, Џолев рече дека не размислувал премногу за ова, можеби затоа што не е засегнат, но додаде дека би сакал ветинг да има и во судството, но за тоа треба да се изјаснат Судскиот совет, Врховниот суд, Министерството за правда… Како клучна дилема, сепак, остана од каде би почнал евентуално ваквиот процес.

Осврнувајќи се на актуелното прашање околу аболицијата на осудените за собраниските настани од 27 април 2017 година од страна на претседателот Ѓорге Иванов, Џолев објасни дека до сега до судот не е стигнато ниту едно такво барање ниту од обвинето, ниту од осудено лице.

Нема да коментирам околу тоа барање. Судот не може однапред да се позиционира околу ова прашање, зашто тоа би било прејудицирање на работите, изјави тој.

Доколку, евентуално, такво барање стигне до Судот, тогаш ќе се постапи совесно, согласно законските прописи и предвидената постапка за тоа, независно кој закон е во сила.

Во врска со истовременото постоење на две мерки кај осудените лица за 27 април, и кауција и притвор, Џолев објасни дека Апелациониот суд веќе укинал една мерка на кауција, а доколку е направен пропуст, тогаш за лицата за кои е одреден притвор, ќе им биде укината кауцијата.