Бугарскиот премиер Кирил Петков најави посета на Македонија со нов пристап во односите, но со старите позиции. Скопје очекува конструктивни разговори и брзо деблокирање на евроинтегративниот процес.

Петков потврди дека на 18 јануари ќе ја посети Република Македонија, во одговор на прашање на поранешната министерка за надворешни работи Екатерина Захариева на седница за пратенички прашања во Народното собрание. Тој додаде дека ставот на Бугарија за преговарачкиот процес со Република Македонија е зачуван токму онака како што е договорено во коалицискиот договор меѓу партиите во владејачката коалиција. Ставот е ист, вели тој, но Владата во Софија го надградува со пет посебни различни комисии за надградба на овие односи.

Со одењето на разговори на 18 јануари покажуваме дека добрососедството е фундаментален принцип на нашите односи. Се надевам дека нашата Влада ќе ја покаже разликата меѓу добрите планови и постигнатите резултати, рече во заклучокот бугарскиот премиер Кирил Петков во Народното собрание.

Петков се очекува да биде првиот странски лидер со кој ќе има средба мандатарот за состав на новата Влада и иден премиер Димитар Ковачевски, која се очекува да биде избрана во Собранието најдоцна до 17 јануари.

Претседателот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вчера изјави дека не очекува поместување во однос на македонско-бугарските односи по најавениот нов пристап од Софија и побара дипломатска акција од европските партнери за земјата да ги почне преговорите со ЕУ.

Позадината на проблемот е Резолуцијата во бугарскиот Парламент што впрочем го потврди и претседателот Радев. И ги искара министрите во новата Влада на Петков да не попуштаат во барањата. Тоа е доволно јака порака и силна порака. Се додека оваа Резолуција е во функција, се додека оваа Резолуција има сила на закон ние ќе бидеме подложни на уцени од страна на нашиот источен сосед, хегемониски барања од пред неколку векови наместо заедно да градиме иднина и да гледаме неколку векови напред. Жалам што тоа се случува во современа Европа во 21 век и барам од нашите европски партнери жестоко да реагираат и робусна дипломатска акција врз нашиот источен сосед и конечно да му дозволат на народот на Македонија да ги почне долгоочекуваните преговори за полноправно членство во ЕУ, рече Мицкоски во изјавата пред Соборниот храм.

Мицкоски го оспорува и лигитимитетот на Ковачевски како мандатар и иден премиер, да преговара од името на македонскиот народ за неговиот идентитет. Според него, ВМРО-ДПМНЕ е најголемата политичка партија во земјава и очекува да се слушне нивниот глас.