Министерот за здравство Венко Филипче вчера потпиша Договорот за набавка на вакцини против Ковид-19 од кинескиот производител „Синофарм“. Со Договорот, Република Македонија од кинеската компанија „Синофарм“ обезбедува 200 000 вакцини кои ќе пристигнат овој месец. Точниот датум на пристигнување и сите информации поврзани со испораката се очекува да биде утврден во следните денови, соопшти Министерството за здравство.

Премирот Зоран Заев на вчерашната онлајн дебата со Атланскиот совет на тема „Македонија на прагот од Европа“ изрази надеж дека следната недела земјава ќе добие вакцини против Ковид-19 од „Фајзер“, а потоа и од другите производители.

Запрашан околу набавката на вакцини против Ковид- 19 во  Македонија, Заев истакна дека земјава меѓу првите се вклучила во КОВАКС механизмот за набавка на вакцини, но, како што истакна секаде е истиот проблем – нема доволни количества на вакцини и затоа доцни испораката.

– Јас се надевам дека следната недела ќе имаме од вакцините на „Фајзер“, а понатаму и од другите вакцини, потенцираше премиерот.