Во однос на уставните измени, процесите позитивно се одвиваат, рече на денешната прес-конференција Нола Исмајлоска Старова, пратеничка од независната група на ВМРО-ДПМНЕ и на Коалицијата за подобра Македонија.

„Сметаме дека ќе има конструктивност и од Владата, а поднесените добронамерни амандмани ќе бидат прифатени. Тоа е дел од реформите за кои зборувавме и за процесот на помирување и интеграција“, додаде Исмајлоска Старова.

Таа денес го кажа и ставот на независната група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ за реформските закони.

„Законот за судовите сметаме е добро подготвен, а има основа за подобрување во однос на независноста на судовите. Нашите забелешки се во делот на изборот и унапредувањето на судиите. Ќе побараме средба со Здружението на судии, за да добиеми нивни забелешки и тие да ги преточиме во амандмани.

За Законите за судски совет и управни спорови ќе ја дадеме нашата подрршка, а ќе се вклучиме и во расправата за борба со корупцијата.

Во Законот за прекршоци, кој е добра основа за регулирање на областа, постојат основи за натамошно доуредување во делот за глобите за физички и правни лица, и делот за жалбената постапка“, рече пратеничката Исмајлоска Старова.