Имаат ли крај глупостите на министерката за образование Мила Царовска? Уште не се симна прашината од дигиталните учебници, а родителите на идните првачиња веќе се соочуваат со сериозни проблеми како да дојдат до неопходната потврда од офталмолог за да не го пропуштат рокот за упис, што почнува од мај.

На ниво на град Скопје преку Мој термин не може да се закаже преглед во ниту една јавна здравствена установа за офталмолог! Што значи дека родителите ќе бидат принудени за услугата да плаќаат на приватните клиники, се разбира доколку имаат пари за таа намена, иако сумата може да се сведе на релативно прифатлива и се движи околу 1.000 денари.

Од годинава за упис на првачињата се неопходни потврди за вакцинирањето на децата, од стоматолог и офталмолог.

Но, ако за вакцините може да се најде некакво разбирање, апсолутно тоа не може да важи за двете останати потврди. Зашто, децата не само што имаат здравствени картони, туку и тие и нивните родители ќе бидат принудени во ек на пандемија од Ковид-19 да шетаат по државните или приватните клиники за прегледи и потврди. Со други зборови, зошто да биде едноставно, кога мора да биде комплицирано!?

Има само уште неколку дена министерката Царовска да се предомисли и да не ги доведува родителите во незавидна ситуација. Што ќе смени ако овие потврди се одложат за идната 2021/2022 учебна година?!