Игор Дурловски, еден од обвинетите за настаните на 27 април во Собранието, на својата Фејсбук страница објави дека нема да бара амнестија. Рокот за поднесување барање за амнестија, согласно усвоениот закон, истекува денес.

Почитувани, наместо молба за помилување, ја споделувам со Вас мојата одлука да продолжам со борбата за докажување на мојата невиност за обвинението за кое ми се суди.
Секоја борба носи свој ризик, а со оваа постапка го ставам на ризик и мојот и животот на моите најмили, но, убеден сум дека ме разбираат зошто ова е важно, да се бориме за своите принципи, за правда, доследно и храбро, пишува Дурловски.

Тој изразува надеж дека со таквата одлука „ќе и ја одземе можноста на политиката да се постави над правичноста и судството“.

Во свое име и во име на моите пријатели од „Заедничка Македонија“ и на илјадниците чесни и мирољубиви граѓани кои ги исполнуваа улиците со љубов кон татковината, ја отфрлам можноста да бидам дел од селективна правда и понатамошни интриги со криење позади превезот на Вашето политичко „помирување“. Вистинско помирување може да постигнеме само со правда, чест и морал. Останувам со чисто срце со љубов кон татковината, верба во Бога и надеж за подобра иднина за сите нас, истакнува во својата Фејсбук објава Игор Дурловски, оперски првенец.