И власта и опозицијата се подготвени за дискусија за тоа дали е потребна промена на изборниот модел.

„Тоа што го соопшти претседателот Стево Пендаровски, дека го поддржува пропрционалниот изборен модел со отворени листи, е постулат и од нашата изборна програма. Ние ова прашање го отворивме пред изборите, а и потоа неколку пати“, изјави генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски.

Николовски потенцира дека сепак за промена на изборниот модел е потребен консензус од сите политички партии.

„Подготвени сме за повторно отворање на ова прашање и за дискусија. Принципот на една изборна единица ќе значи уште поголема демократија. Сакаме да ги вклучиме и граѓаните во носењето на одлуки“, напомена Николовски.

И од ВМРО-ДПМНЕ велат дека поддржуваат дебата.

„Како најголема партија во Република Македонија ние поддржуваме дебата за било какво прашање особено за изборен модел кој и тоа е како е големо прашање. Нека се покрене иницијативата во Собрание, органите на партијата ќе заседаваат и веднаш потоа ќе излеземе со конкретен став кои се позитивните, а кои се негативните страни на тој модел и ќе го кажеме нашиот краен став како ние ќе се поставиме“, изјави портпаролот на опозициската партија Димче Арсовски.

Претходно  претседателот Пендаровски даде поддршка на иницијативaтa на неколку политички партии, доставени во изминатиот период до неговиот Кабинет, за реформа на изборниот модел преку измена на Изборниот законик, а во насока на создавање на пропорционален изборен модел со отворени листи и намалување на бројот на изборни единици.