Откако заврши распитот на водителката Лила Филиповска, кај Рускоска на распит во врска со случајот „Рекет“ се јави и бизнисменот Силјан Мицевски. Тој ги информираше медиумите дека доаѓа по вторпат да даде исказ.

Тој пред да влезе во Обвинителството рече дека парите ги уплатил на сметка на „Меѓународен сојуз“, чиј прв човек е Боки 13, а не кај пензионерката Лилјана Тодоровска од Скопје. Порача дека ќе ги бара парите назад.

Не сум дал пари на пензионерка. Пари сум дал на Меѓународниот сојуз на Јовановски и нормално дека ќе си ги барам назад“, изјави бизнисменот Мицевски.

Тодоровска сведочеше во Обвинителството за организиран криминал пред 10-дена. Претходно, изјави дека парите кои Мицевски ги уплатил на нејзината сметка ги подигнала во кеш, а потоа ги дала на друго лице од сојузот на Боки 13, без да шпрецизира за кого точно станува збор.

Градежната компанија „Пелистер“ од Битола, чијшто сопственик е Силјан Мицевски требало да ги гради европските центри за возрасни лица и мобилни сервиси на Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски.

Според пишувањата на новинарот Бранко Героски, договорот помеѓу фирмата на Мицевски и невладината на Боки 13 бил правно спорен. Според него ГП „Пелистер“ на Меѓународен сојуз требало да му уплати 1.439.810 евра, но не директно, туку преку Македонската авторска агенција, како хонорар. Во договорот наводно пишува дека половината од оваа сума или точно 719.905 евра (плус персонален данок) требало да биде исплатена на денот на потпишувањето на договорот (13.12.2017 година), а вториот дел на денот на издавањето на правосилното одобрение за градба.