Тројца пратеници од владејачкото мнозинство се позитивни на коронавирусот и не присуствуваат на работата на Парламентот, па поради немање кворум, односно со 59 пратеници, Собранието не успеа да го утврди дневниот ред за 34-та седница, информира претседателот на Собранието Талат Џафери.

-Во четвртокот минатата недела утврдивме дека денешниот ден ќе биде ден за гласање на точките коишто поминале на расправа. За жал, морам да констатирам дека од мнозинството се присутни 59 пратеници. Тројца пратеници се спречени да присуствуваат на оваа седница затоа што се заразени со коронавирусот. Двајца од нив добиле одлука за изолација, бидејќи се позитивни на ковид-19, а третиот пратеник, кој има симптоми, очекува резултати, рече Џафери, додавајќи дека поради здравствената состојба на пратениците денеска не може да го утврди дневниот ред.

Според него, пратениците дополнително ќе бидат известени кога ќе се одржи гласањето.