По средбата со Премиерот Зоран Заев, Еврокомесарот за проширување на ЕУ, Јоханес Хан, ги повика граѓаните на Македонија да ја искористат отворената врата на ЕУ и НАТО и на референдумот на 30 септември, да го искористат своето право да ја определат својата иднина, иднината на идните генерации и на земјата.

Коментирајќи дека Скопје во последно време стана најпопуларната дестинација за политичарите од Европа и од Светот, Еврокомесарот прво се обрати со кратенката Поранешна Југословенска Република Македонија, но потоа искажа надеж дека во иднина ќе ни се обраќа со новото име.

Одлуката која ќе ја донесат граѓаните на Република Македонија ќе има влијание и на нив и на нивните деца, идните генерации. Референдумот е единствена, уникатна можност да донесат важна одлука која ќе има далекусежни последици.

Спогодбата која ја направивте со Грција е силно поддржана од Европската Унија, и чувар на иднината на Вашата земја. Граѓаните сега независно треба да донесат одлука на референдумот. Останува на Вас, се уште морам да кажам на поранешната Југословенска Република Македонија, и воопшто не ми се допаѓа кратенката, но се надевам дека во иднина ќе ви се обраќам со Северна Македонија, а Вие ќе одлучите дали ќе биде тоа така“, истакна Хан.

Премиерот Зоран Заев по средбата истакна дека веќе се прават важни реформи  и додаде  дека по референдумот реформите ќе бидат уште посилни, за да биде Македонија подготвена за почеток на преговорите во јуни 2019 година.

Веќе правиме важни реформи, а до јуни 2019 ќе покажеме двојно повеќе реформи како што се владеење на правото, борбата против корупцијата, реформи во јавната администрација и реформи во разузнавачките служби.

Во таа насока Република Македонија и граѓаните високо ја ценат поддршката од ЕУ, за спроведувањето на неопходните реформи и за спроведување на договорот со Грција. Денешната посета на големиот пријател на Македонија, Комесарот за добрососедска политика и проширување Јоханес Хан го подржува токму тоа – истакна Заев.

Заев додаде  и дека секоја средба со лидерите на ЕУ во оваа фаза кога сме пред членство во Унијата е огромна придобивка и поддршка на нашата земја  и дека граѓаните на Република Македонија никогаш не се чувствувале поблиску до ЕУ како сега.