Во интервју за Агенција Европа, еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, ги предупредува земјите членки на ЕУ дека повторно одлагање на преговорите за Македонија и за Албанија би можело да има „драматични последици” за целиот регион, јави МИА од Брисел.
По пораките што пристигнаа од Париз вчера дека земјата останува резервирана за отворањето преговори со Македонија и Албанија во јуни годинава, Хан предупредува дека во прашање е кредибилитетот на ЕУ и стабилноста на регионот.
-Се работи за кредибилитетот на ЕУ, земјите членки сами го одредија јуни 2019 како датум за одлуката за отворање пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија, одлагањето би можело да има драматично влијание врз целиот регион, вели Хан.
Тој потсетува дека Македонија веќе десет години чека старт на овие преговори, блокирани поради спорот со Грција.
-Сега кога овој проблем е решен благодарение на политичката храброст и одлучност на двајцата лидери и кога констатираме одличен напредок во внатрешните реформи, би било многу разочарувачки ако отворањето на пристапните преговори повторно се одложи, вели комесарот за Агенција Европа.
Еврокомесарот Хан, кој нема да присуствува на неформалниот самит во Берлин в понеделник посветен на Балканот, затоа што проширувањето не е на агендата, предупредува исто така дека ЕУ, и посебно скептичните земји, треба да внимаваат да не ја запостават оваа политика кон регионот.
Comments are closed for this post.