Специјалното јавно обвинитлстводо Основниот суд Скопје 1 поднесе два обвинителни акти како резултат на спроведената истражна постапка во предметот „Талир“, соопшти СЈО. Од причини на целисходност, ова Јавно обвинителство ја раздвои постапката во предметот од кои причини поднесени се две обвиненија. Едниот обвинителен акт се однесува на незаконско финансирање на правното лице, политичка партија ВМРО-ДПМНЕ, а вториот обвинителен акт се однесува на незаконската изградба на седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.
Обвинението за незаконското финансирање на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ е поднесено против шест физички лица и едно правно лице и тоа: Никола Груевски за сторено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 4 в.в. став 3 в.в. став 1 в.в. член 45 од КЗ, Перење пари и други приноси од казниво дело од член 273 став 1 в.в. член 22 в.в. член 45 од КЗ; лицата Кирил Божиновски и Миле Јанакиески за сторено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 4 в.в. став 3 в.в. став 1 в.в. член 24 в.в. член 45 од КЗ и Перење пари и други приноси од казниво дело од член 273 став 1 в.в. 22 в.в. член 45 од КЗ; Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска за сторено кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело од член 273 став 1 в.в. член 22 в.в. член 45 од КЗ и правното лице политичка партија – ВМРО-ДПМНЕ за сторено кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело од член 273 став 12 в.в. став 1 в.в. член 45 од КЗ.
Во конкретниот случај, на обвинетиот Никола Груевски му се става на товар дека во периодот од 2009 година до 2015 година со злоупотреба на службената положба, спротивно на Законот за финансирање на политички партии и Законот за спречување на корупција, обезбедувал финансии од анонимни и противправни извори на финансирање за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Во овие свои активности бил помогнат од обвинетите Кирил Божиновски и Миле Јанакиевски кои во насока на обезбедување на средства за извршување на кривичното дело, вршеле притисок на претставници на правните лица кои имале склучено договори за јавни набавки со државни органи, јавни претпријатија или единици на локална самоуправа истите да обезбедат финансиски средства во готовина за потребите на финансирање на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ како против услуга за добиените јавни набавки и реализираниот профит.
Вака обезбедените финансиски средства во готовина, обвинетиот Никола Груевски не ги вратил на лицата од кои средствата доаѓале, односно не ги упатил во Буџетот на Република Македонија, како што имал обврска да стори согласно Законот за финансирање на политички партии, со што прибавил незаконски средства за финансирање на политичката партија ВМРО ДПМНЕ во износ од најмалку 283.432.656,00 денари, односно 4,6 милиони евра.
Отакако паричните средства кои потекнувале од кривично дело биле внесени на жиро сметката на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ обвинетите Илија Димовски, Елизабета Чингароска, Леко Ристоски и Миле Јанакиески, како овластени потписници на сметката на политичката партија иако знаеле дека парите потекнуваат од кривично дело, истите ги пуштиле во натамошен оптек со потпишување на налози за плаќање на обврските и купување на недвижен имот за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.
Кон обвинението поднесен е и предлог за определување мерка притвор против првообвинетиот Никола Груевски, како и предлог за определување мерки за претпазливост спрема обвинетата Елизабета Чингаровска – обврска да се јавува еднаш неделно во Основен суд Скопје 1 Скопје и привремено одземање на патната исправа за преминување на државната граница и забрана за издавање на нова.
Обвинението за изградба на седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ е поднесено против обвинетите Никола Груевски и Кирил Божиновски, кои со злоупотреба на службената положба, овозможиле правното лице ДГ Бетон АД Скопје да го изгради седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, иако правното лице во времето на обезбедување на услугата имало склучено договори за јавни набавки со државни органи и јавни установи или претпријатија спротивно на Законот за политички партии, Законот за финансирање на политички партии и Законот за облигациони односи.
За реализирање на оваа цел обвинетите ја искористиле состојбата на зависност во која се наоѓало правното лице ДГ Бетон АД Скопје во однос на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, со оглед дека над 75% од приходите кои ги остварило правното лице во 2011 и 2012 година биле од државни органи, единици на локална самоуправа или јавни претпријатија раководени од функционери на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.
И покрај тоа што за правното лице ДГ Бетон АД Скопје важеле ограничувањата од Законот за финансирање на политички партии, сепак обвинетите договориле несразмерна корист за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во однос на обврските кои ги имало правното лице ДГ Бетон АД Скопје, овозможувајќи му да го изгради седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ кое имало инвестициска вредност од 424.733.242,00 денари, односно 6,9 милиони евра, како и да уплати на жиро сметката на партијата износ од 132.573.582,00 денари, односно 2,15 милиони евра, иако вложувањата на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ изнесувале само 50.142.400,00 денари, односно 815.323 евра.
На ваков начин, а спротивно на законските прописи, обвинетите прибавиле значителна имотна корист за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во износ од 507.164.424,00 денари, односно 8,2 милиони евра.
Comments are closed for this post.