Унгарија сѐ уште воопшто не потврдила официјално дека му одобрила азил на Груевски, ниту пак има обврска тоа да го стори, велат од Европската Комисија. Унгарските власти на Европската Комисија и порачале дека имаат обврска да го информираат Високиот Комесаријат за бегалци на Обединетите Нации.

Друг проблем е што поради отсуството на официјални информации за статусот на Груевски, нејасно е дали Унгарија му одобрила статус на бегалец или супсидијарна заштита. Иако се слични, овие два статуса носат различни права и слободи за бегалецот.

Доколку на Груевски му е одобрен статус на бегалец, во тој случај тој за пет години од добивањето на статусот ќе има право слободно да работи и живее во која било земја на Европската Унија, објаснуваат извори во ЕК. Ќе може и слободно да патува низ ЕУ согласно правилата на Шенген, односно да не престојува повеќе од 90 дена во друга земја на Шенген зоната.

Доколку пак Груевски добил супсидијарна заштита, тој статус во принцип е лимитиран во времето, а неговата слобода на движење во остатокот од земјите на ЕУ е ограничена, објаснуваат во ЕУ.

Во разговор со МИА, европратеникот од Унгарија, Бенедек Јавор, вели дека и јавноста во Унгарија бара одговори од Владата за статусот на Груевски, но неизвесно дали некогаш ќе ги добие.

Јавор пред два дена побара одговори од еврокомесарот Димитрис Аврамопулос за легалноста на азилот на Груевски во земја членка на ЕУ. Тој смета дека тоа се коси со директивата 2011/95 на ЕУ.

Но, тој додава дека се сомнева дека ЕУ ќе излезе со остра реакција околу ова прашање.

Не би ме изненадило бегството на Груевски да е во договор со разузнавачките служби на другите земји на ЕУ и на САД. Не гледам зошто инаку Унгарија би презела толкав ризик само за приватен случај како овој на Груевски, вели Јавор за МИА.

Бенедек Јавор додава дека ќе има обиди да се отвори случајот за дебата во Европскиот Парламент, но дека тоа ќе „оди тешко“, поради тоа што политиката на азил и припаѓа на земјите членки и е национална надлежност, а не европска, со што се ограничува можноста за европските институции да реагираат.

Една од можностите е да се отвори во рамките на извештајот на европратеничката Јудит Саргентини за состојбата со владеењето на правото во Унгарија или во Комисијата за надворешни работи (АФЕТ), но за сега ништо не е сигурно.