Со 153 гласа „за”, 140 „против” и еден воздржан, Парламентот на Грција, вечерва, по речиси  11-часовна расправа го ратификуваше Протоколот за членство во НАТО, јави МИА од Атина. Согласно Преспанскиот договор, од утре Република Македонија ќе го добие новото име „Република Северна Македонија“.

Гласањето се одвиваше по дводневна тешка дебата, најпрвин во две комисии, а потоа и на денешната плеарна седница.

Премиерот Алексис Ципрас вечерва пред гласањето му реплицираше на лидерот на опозициската Нова демократија, Киријакос Мицотакис, дека предвремени парламентарни избори нема да има, тие ќе бидат одржани откако ќе заврши четиригодишниот мандат на владата.

-Избори ќе има, тие ќе бидат за Европскиот парламент. На тие избори вие ќе имате големи пробеми да им објасните на вашите членови и на луѓето дека сите ваши предлози некаде исчезнале-рече Ципрас.

Тој истакна дека НД не успеала за 30 години да го реши проблемот со соседот, а „ние го решивме“.

Гласаме против Протоколот за членство бидејќи е последниот чин од национално штетниот договор, рече лидерот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис за време на расправата за ратификација на Протоколот.

Лидерот на најголемата грчка опозициска партија повторно се осврна на македонскиот јазик и македонскиот идентитет за кои вели дека владата ги признала за соседите, истакна дека правно се обврзани „да ги нарекуваме соседите Македонци”.

-Јас никогаш нема да кажам добредојде за Македонецот премиер на земјата. Очекувам вие да го кажете тоа, господине Ципрас. И очекувам господинот Апостолакис, да ѝ посака добредојде во Грција на македонската војска кога ќе имаат заеднички вежби со грчката војска. Ова го имате потпишано, рече Мицотакис.

Тој истакна дека договорот ја поништил цврстата националната стратегија, „веќе 140 години Грција никогаш не дозволи некој трет да го монополизира терминот Македонија”. Додаде дека договорот никаде не споменува Македонци или Македонија за грчката Македонија или, пак, Грци Македонци или грчка Македонија, туку „грчката Македонија се одредува како Северен регион на првата страна”.

Мицотакис уште еднаш го повтори неговиот став дека владата „ги поделила Грците за да ги обедини Скопјаните” , но и дека Нова демократија нема да го напушти правото за вето за интеграција во Европската унија.

Лидерот на Нова демократија порача дека единствено решение се изборите, бидејќи „ќе донесат политичко прочистување во Грција”.

До неодамна коалициските  партнери во грчката влада, Алексис Ципрас и Панос Каменос, си упатија остри обвинувања и критики за време на расправата во грчкиот парламент. Каменос обвини дека тие се замолчени, Ципрас му порача дека не дозволил да стане новиот Самарас, јави МИА од Атина.

Лидерот на Независни Грци, кој сам од парламентарната говорница рече дека неговата партија ќе остане без пратеничка група и денес говори последен пат како претседател, му се обрати на премиерот велејќи му дека тие решиле да ги замолчат.

-Како што гледате, денес по мојот говор и веднаш по бришењето на Папахристопулос, беше одлучено Независни Грци да немаме право на збор, на учество во комисиите, правото да постоиме како пратеничка група. Сакам да знаете дека нашата егзекуција не значи многу работи, очигледно за вас не значи апсолутно ништо, покажавте дека сте многу ладнокрвен егзекутор, но егзекуцијата на Македонија значи многу. Егзекуцијата на Македонија која не беше вклучена во нашата владина програма, за нас значи многу повеќе, рече Каменос во неговиот говор.

,