Собранието денеска ја констатира оставката на Зоран Заев од функцијата премиер, поднесена по договорот на политичките партии во пресрет на предвремените парламентарни избори на 12 април. Се очекува до полноќ Собранието да ја изгласа техничката Влада, која ќе ја предводи Оливер Спасовски и која од утре, па во следните сто дена треба да ги организира изборите.

Заев не ја образложи оставката пред пратениците, но во документот доставен до Парламентот наведе дека ја поднесува по договорот на лидерите на партиите за избори на 12 април.

Кабинетот на претседателот на Собранието, Талат Џафери претпладнево соопшти дека оставката на Заев ја доставил до претседателот на државата Стево Пендаровски, кој треба да му го врачи мандатот на Спасовски. Тој, пак, до Собранието треба да достави состав на новата техничка Влада и програма за работа.