Македонија и Турција се две исклучително пријателски земји, кои имаат долга и успешна соработка во областа на одбраната, земји кои соработуваа како партнери, а од скоро ќе соработуваат и како сојузници во НАТО – Алијансата. Тоа го потврдија министерката за одбрана Радмила Шекеринска и министерот за национална одбрана на Турција, Хуљуси Акар кој престојува во официјална посета на нашата држава.

Голем дел од НАТО патот кој што го изодевме е заради тоа што Турција ни отвори врата. Со Турција нè врзува цврсто пријателство и соработка на сите полиња кои што траат во изминатите децении, а не години. Овие врски се особено силни во секторот одбрана“, истакна министерката и додаде дека досега девет земји го ратификуваа пристапниот протокол и изрази очекување дека тоа ќе го направи и земјата која даде огромна поддршка во овој процес – Турција.

Шекеринска информираше дека на петти февруари годинава, во сила влезе претходно потпишаниот и ратификуван договор за воена-финансиска соработка кој што е многу важен земајќи предвид дека нашата држава го започнува процесот на модернизација на својата армија.

Министерката посочи дека Армијата на Република Северна Македонија соработува со турските вооружени сили во мисијата на НАТО во Авганистан. Нашите војници се дел од Командата за обука, советување и асистенција (КОСА) Главен град, под команда на Турција, каде заменикот на главниот командант е од редовите на нашата Армија.

Шекеринска се заблагодари и за школувањето и обучувањето на припадниците на Армијата во воените школи во Турција, за што информираше дека досега таквата можност ја искористиле над 1.200 припадници на Армијата.

Турскиот министер Акар истакна дека Македонија за нив е многу важна земја со која имаат одлични односи и дека и турскиот народ во нашата земја, и македонскиот народ во Турција даваат придонес за овие добри односи.