Во рок од само три дена бугарскиот премиер Кирил Петков во медиумите даде две контроверзни изјави поврзани со укинувањето на ветото за Македонија и нејзин конечен почеток на преговорите за членство во ЕУ.
На 9 мај, во интервју за романската телевизија ДИГИ 24 ТВ, Петков меѓу другото изјави дека „Бугарите треба да осознаат дека НАТО не е во Бугарија, туку – Бугарија е во НАТО“. А, во однос на компромисот за ветото за евроинтеграцијата на Македонија и за тоа што ќе се случи со односите ако неговата Влада падне, Петков додаде дека не може да биде одговорен за ништо во таков случај.
-Не можам да сум одговорен за ништо во таков сллучај. Одлучив дека иднината на Македонија и на Албанија треба да е во ЕУ, и тоа е добро за регионот, изјави тогаш Петков.
За време на престојот во САД и разговорите со високи претставници на американската администрација, не беше толку дециден и не ја повтори својата одлука за Македонија и Албанија. Нема сомневање дека бугарскиот премиер, а веројатно не само он, туку власта воопшто во Бугарија, се наоѓаат под силен притисок за тргање на ветото.
-За да може Бугарија да го крене ветото за С.Македонија, прво треба да бидат исполнети сите услови и да се создадат гаранции за исполнување на Договорот за добрососедство, изјави Петков и прецизираше дека секој чекор во тој правец ќе биде претставен во Народното собрание.
Според неговите зборови, за Бугарија е најдобро да биде опкружена со стабилни соседи, кои се дел од европското семејство, а Албанија и Македонија исто така имаат место во ЕУ.
Индикативно е што Петков во последната изјава, исто како и бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска пред неколку дена, не ги споменува Декларацијата и Резолуцијата на Народното собрание, ниту, пак, заклучоците од средбата на Националниот совет за државна безбедност што се одржа кај претседателот Румен Радев. И Петков и Генчовска сега го споменуваат Договорот за добрососедство, чие наводно непочитување од македонска страна беше повод за изгласување на двата собраниски документа, што фактички го изродија ветото и ги донесоа меѓусебните односи до точка на вриење. А, не се споменува ни португалскиот предлог, што беше препознатлив со патоказот 5+1, што во меѓувреме стана 4+1.
Покрај ова, и Петков и Генчовска, која само пред еден месец го обвини премиерот дека води двојна дипломатија во однос на Македонија, сега бараат гаранции за исполнување на Договорот.
А, гаранции дека нема да има нови бесмислени барања од Бугарија бараат и претседателот Стево Пендаровски и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Домашните експерти се децидни дека бугарските барања не смеат да станат дел од преговарачката рамка со ЕУ.
Кон ова мора да се додаде и фактот дека без оглед што ќе се потпише, мора претходно да се расчисти со толкувањето и примената на терминот „заедничка историја“.
Comments are closed for this post.