Малку, малку, па премиерот Зоран Заев ќе погоди нешто и во делот на историјата. Последниот негов излет со бришењето на идентитетската придавка „бугарски“ од целината со „фашистички окупатор“ не е ни малку наивна, ни случајна. Зашто, очигледно, по неговиот настап на 24 Вести, повеќе од очигледно е дека со терминологијата што ја употребува, не само што предизвикува нови поделби во државата и општеството, туку со нивното „надградување“ фингира провокации и неевропски манири на одесување.

Ако се погледне тајмингот во кој се прави сето ова, може да се види дека целите се три. Првата, да се даде позитивен сигнал пред средбата на европскиот врв за Западен Балкан во Љубљана за укинување на бугарското вето за официјален почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ. Втората, да се дефокусира јавноста од тетовската таргедија во која живи изгореа 14 лица. И третата, можеби и најважна, критичарите на неговите недоквакани изјави да ги претстави како неевропски или антиевропски елементи во државата, што нема никаква врска со вистината и реалноста.

Целата приказна почна со тоа дека од учебниците и од спомениците и спомен-обележјата од целината „бугарски фашистички окупатор“ ќе се отстрани терминот „бугарски“ и дека ќе остане само „фашистички окупатор“. Откако ова наиде на сериозни критики во јавноста, од првичната изјава дојде до тоа како европските учебници правилно се именуваат нацистичка Германија и фашистичка Италија.

Но, во меѓувреме перфидно користеше сосема погрешна терминологија. Па, така, на пример, од неговите изјави можеше да се види дека не прави разлика меѓу Третиот рајх и Тројниот пакт или дека намерно името на државата Бугарија го користи како име за пријателската бугарска нација. Како шлаг на тортата дојде и тврдењето дека и во Македонија имало соработници на фашизмот, вешто избегнувајќи да се впушти во одредувањето на нивната етничка, национална или идеолошка припадност.

-Во делот на европеизацијата на земјава и нашата европска перспектива наше е дали ќе даваме етнички карактеристики на фашистичкиот окупатор. Ние зборуваме за политичкиот дел на одлучување кое се однесува на провокативност и неевропски манири, a други се областите на историската комисија. Во европските земји фашизмот нема етничка боја, нема национална боја. Фашистичкиот окупатор има поставеност во делови на структури, групи, или би го нарекол, одредени лидерства во целиот овој период. Ние имавме соработници на фашизмот и овде во Македонија целиот тој период. Не може да кажете дека цела една нација била фашистичка. Не можете да кажете и за нас дека сме биле сите со партизаните, бидејќи имало и некои кои биле соработници на фашистичкиот окупатор во Втората светска војна, изјави вчера во текот на денот премиерот Заев, одговарајќи на новинарско прашање.

Што правиме со тврдењето на Заев дека во текот на Втората светска војна не биле сите со партизаните? Навидум, вака кажано изгледа можеби наивно. Но, во кој етнички, национален и идеолошки дел ќе ги смести Заев партизаните, кои на почетокот на јануари 1945 година се побуниле со паролата „Нејќеме на Срем, сакаме на Солун“, што било основа за масовна чистка?!

Во кој етнички, национален и идеолошки дел ќе ги смести Заев соработниците на фашистичкиот окупатор во Македонија во текот на Втората светска војна? Токму во ова се гледа неговата перфидна предизборна и изборна манипулација, што треба да создаде етикетирање за наводно неевропско однесување и антиевропско расположение. Само со тоа игра на тенка политичка жица од која може да падне и да скрши некој дел од своето политичко тело.

Зошто му беше потребен целиот циркуз на Заев со историјата кога го имал теркот и однапред знаел кое е точното, европско решение за учебниците, спомениците и спомен-обележјата? Зошто веднаш не кажа дека ќе се отстрани идентитетската придавка „бугарски“ и ќе ја примениме европската пракса? Што ќе рече, наместо „бугарски фашистички окупатор“ ќе го користиме терминот „окупаторот (наци)фашистичка Бугарија“.

Тоа ќе беше многу попаметно и подобро, отколку одново да го дели општеството и граѓаните на европејци и антиевропејци или на пријатели и непријатели на соседна Бугарија.