Привилегираните остануваат недопирливи, не се вградени ниту јасни цели, решенија, ниту временски рамки. Постои само “ќе“.

Кај нас корупцијата започнува во партиите кои предолго практикуваат власт и ги заробуваат јавните институции. Токму јавните институции, најавнати од партиски директори и луѓе, се најголемиот извор на коруптивни, непотребни и партиски вработувања, но и на наместени тендери. Не постојат конкретни решенија како да се ослободиме од наместените тендери и како ќе се стави крај на аплицирање за тендери на фирми блиски до власта.

Не постои јасно разграничување на мерките против корупцијата во администрацијата и во правосудниот систем, два најкорумпирани системи. Дури за правосудниот систем се зборува за “брзо решавање на случаите за кои постои сомнеж за корупција“. Дали со ова Владата мисли да го наруши уставниот принцип на немешање во судската власт и ќе диригира кои случаи и како ќе се процесираат? Ова е опасен терен, на кој постојано се лизгаме.

Повторно не се планираат сосема независни институции составени исклучиво од не партиски членови како ДИК, ДКСК, Финансиска полиција и др.

Повторно нема укинување на десетици непотребни агенции кои служат само за партиско вдомување и грабеж на народните пари.

Повторно немаме конкретни мерки за корупцијата во здравството, образованието, културата, социјалата, градежништвото и другите системи.

Повторно немаме цел корпус на анти коруциски закони, како и промена на постојните кои се плодна почва за озаконета корупција.

Затоа пак во канабисот се гледа како на стратешки економски потенцијал. Дали е тоа поради фирмите на Премиерот и нему блиски луѓе?

Што е со дивеењето во банкарскиот сектор? Постои ли овде воопшто контролата од Народната банка?

Што е со дивеењето на цените во приватните болници за време на “кризната состојба“?

Што е со коруптивниот Изборен законик?

Програмата за борба со корупцијата треба да биде конзистентен сет од мерки насочена кон системско спречување на корупцијата, уште пред таа да ни се случи. За тоа овде нема мерки, ниту цели, ниту решенија.

Што е со инклузијата на граѓанинот во овие “демократски“ процеси? Каде е неговата контролна улога? Со овој ограничен пристап, борбата треба да ја водат исклучиво оние кои се самите извор на корупција.

Ова е само една урнебес салата, во која има надробено од се по нешто, за на крајот да не се направи баш ништо.

Глас за Македонија